„Испративме братски повик до патријархот Неофит – со нетрпение очекуваме одржување на заедничка света литургија со што во практика ќе ја исполниме одлуката на БПЦ да ѝ стане црква-мајка на МПЦ-Охридска архиепископија“, изјави струмичкиот митрополит Наум за бугарската агенција БГНЕС.



Владиката Наум во интервјуто вели дека, ако двете цркви не одржат заедничка света литургија, тогаш договорот и едностраните дејствија немаат смисла и содржина.

„Нашата црква сега е многу благодарна на БПЦ за тоа што нè претставува, што се залага за нас и што ни помага да станеме дел од православниот свет… деновиве испративме писмо до неговата светост, патријархот Неофит, со братски повик за заедничката служба…“.

Прашан дали се согласува со информациите дека Вселенска патријаршија гледа позитивно на барањето на МПЦ-ОА за БПЦ да биде нејзина црква-мајка, владиката вели дека „се разбира, конечниот збор ќе го има вселенскиот патријарх Вартоломеј“.

Таков е редот во православната црква, вели тој.

„Вселенскиот патријарх неуморно работи на единството на Една, Света, Соборна и Апостолска Црква – тоа е неговата главна задача. Ние веруваме, но и гледаме дека сè што се прави во Православната црква, согласно со оваа задача, е истовремено радост и утеха, преку Светиот дух, и за самиот патријарх Вартоломеј“.

За заедничките предизвици со кои се соочуваат двете православни цркви во Република Македонија и Бугарија, митрополитот Наум вели дека „најважно е црквата да се соочи со сопствените предизвици. Во црквата нема доволно вистински духовни оци и духовни водачи, кои правилно ќе расудуваат за доброто и за злото, да преземат храбри одлуки и да стојат зад нив, такви кои ги решаваат проблемите и кои се способни да привлекуваат и да ги водат верниците. Недостигот на духовни татковци е главниот проблем на црквата денес“.