По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата одлучи оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна приближна вредност од 4 милијарди и 27 милиони или потточно (4.026.636.382) денари.
Порталот Мкд.мк дознава дека на денешната седница на Владата се потврдија проектите на општините што ќе бидат финансирани со средства од буџетот на државата годинава. Во ресорните министерства, фазата на евалуација не ја поминаа само 4 општини. Тоа се општините Теарце, Струмица, Сарај и Град Скопје.

Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства.
Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните.





