Законот за заштита на децата ќе се доработи и ќе биде доставен во Собранието во законските рокови, од причини што претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша Указот за овој закон, изјавија од Владата за МИА.
„Како Влада информираме дека Законот ќе се доработи и истиот ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури#, се вели во одговорот од Владата.
Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство.
Со непотпишувањето на Указот, сега законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.
Од Собранието за МИА потврдија дека образложението на претседателката Сиљановска-Давкова е доставено на 31 декември.
Во образложението на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова се наведува дека законските измени содржат повеќе спорни одредби и дека по спроведена темелна анализа и експертски консултации бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.
– Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот, пишува во документот.
Претседателката наведува дека посочените членови од Законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците.
„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон“, се наведува во образложението.
Законот за двојазични лиценци во градинките доби вето од Сиљановска Давкова






