Охридскиот крај е полн со прекрасна природа, вредна да се посети и да се ужива во неа. “Св. Заум”, за кое многумина велат дека е вистински рај, е во непосредна близина на селото Трпејца каде се наоѓа манастирот „Св. Богородица Захумска“. Природно уточиште кое веќе децении и пркоси на забрзаната урбанизација на источното крајбрежје, место кое за многумина претставува вистински рај крај езерото.

Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур за време на деволскиот епископ Григорие, а најновите исражувања покажуваат дека потекнува од тринаести век. Градена е во форма на впишан крст со купола која се потпира на четири столба. Она што привлекува внимание кај посетителите е претставата на Света Ана – Млекопитателница како ја дои малата Богородица.
Низ целиот залив кој има карактеристична боја поради бистрите езерски води, чистиот хоризонт и „надвисната“ планина, може многу да се научи за традиционалните начини на риболов, но и за флората и фауната која ја има во изобилие.
Во непосредна близина на „Заум“ се наоѓа и извор кој доаѓа од длабочините на „Галичица“, од каде што потекува ретко бистра и чиста вода.

„Заум“ е место кое длабоко се врежува во сеќавањето на сите оние кои го посетиле, а многумина со нетрпение ќе чекаат на топлите денови, за повторно и повторно да се навратат на „рајот крај езерото“.





