Виножито: Грција да го запре „Театарот на апсурдот“

Партијата на Македонците во Грција смета дека новата рунда преговори за името е „Театар на апсурдот“.



„По цели 25 години разговори и консултации, во последно време забележуваме избувнување на театарот на апсурдот во врска со прашањето на името на Република Македонија“, порачува Виножито преку соопштение за јавност.

Се потсетува дека проблем со името има Грција а соседната земја ја признале повеќе од 140 земји, членки на ОН кои таков проблем го немаат.

По којзнае кој пат истакнуваме дека вистинскиот проблем на Грција не е во името на Република Македонија кое целосно се разликува од грчкиот дел на Македонија и демократски, преку референдум во 1991 година е избрано од граѓаните, се вели во соопштението.

Проблемот е тврдоглавото негирање на нашата земја да ја прифати реалноста и постоењето на современата македонска нација. Со други зборови, постоењето на етничкото македонско малцинство кое и покрај силните обиди на грчката држава во последните 100 и повеќе години, продолжува и ќе продолжува да живее во дел од грчката територија, порачува Виножито.

Кога Грција ќе го надмине ‘Рубикон’ и кога ќе го признае етничкото македонско малцинство и ќе му ги даде сите права согласно европските придобивки, тогаш и само тогаш ќе успее да ја смени страницата, да погледне напред и да почне да соработува со Република Македонија и другите соседни земји врз основа на взаемна почит и искреност“, се вели во соопштението на партијата на Македонците во Грција.