(Видео): Скандал во градежништвото – инспекцијата одзела 427 лиценци 

Министерството за транспорт и врски досега одзеде 427 лиценци на градежни компании кои не ги исполнуваат потребните услови, иако во моментот на издавање ги задоволувале критериумите. Ова денеска го изјави министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски, по извршените контроли во градежниот сектор. Како клучни причини за одземањето на лиценците, Николоски ги наведе недостатокот на стручен кадар, како и одредени типови на градежни машини.



Забележавме дека исто лице фигурира на пет-шест различни фирми или пак се прави договор само за да се добие лиценцата, а веднаш потоа тој вработен се одјавува. Ова е класично изигрување на системот. Македонија е мала држава, а Министерството има издадено околу 3.000 лиценци, што е повеќе од реалниот капацитет – изјави Николоски за ТВ Сител, додавајќи дека очекува бројот на лиценцирани фирми да се намали на околу 2.500 по следната контрола.

Министерот рече дека во наредниот период ќе се испитуваат и проектите во кои учествувале овие фирми, а компаниите што ја изгубиле лиценцата, најмалку една година нема да можат да аплицираат за нова.

Паралелно со градежните контроли, Николоски се осврна и на ситуацијата со дискотеките кои работеле без соодветни дозволи или со лажни документи.

Државниот пазарен инспекторат работи со асистенција на МВР, а за прекршителите се известува и Обвинителството. Нема да останеме само на констатирање на неправилности, ќе следат и кривични пријави – порача министерот.

Тој додаде дека во иднина ќе мора да се зголеми бројот на инспектори, бидејќи во моментов има само 40 на ниво на целата држава.