(Видео): Како од најавените 250 автобуси, Скопје спадна само на 25?!

Скопјани утринава останаа повторно да чекаат автобуси на станиците. Јавниот градски превоз е во тотален колапс. Од 230 автобуси, утринава биле пуштени само 40 автобуси, а скопјани се снаоѓаа како знаеја и умееја за да стигнат до саканите дестинации.



Нема крај на маките на скопјани со јавниот автобуски превоз. За жал, „ЈСП Скопје“ функционира со само 25 автобуси кои возат на метан. Останатите кои возат на нафта стојат паркирани во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров, пренесе 24 инфо.

Поради лошите односи на ВМРО-ДПМНЕ (која го има мнозинството во Советот на Град Скопје) и градоначалничката Данела Арсовска, на секои три месеци на јавниот сообраќај во Скопје му се случува колапс.

Не беа далечни времињата кога на еден настан кој требаше да биде отчет за сработеното, тогаш лидер на опозицијата а сегашен премиер Христијан Мицкоски најавуваше набавка на 250 еколошки автобуси за потребите на ЈСП Скопје.

Како резултат на ваквата состојба со јавниот превоз, повеќето скопјани кои тоа можат да си го дозволат ги земаа своите автомобили, па по улиците имаше редици автомобили и нервозни возачи.

Неговиот план беше толку амбициозен што дури најавуваше и отворање на фабрика за такви автобуси.

Но кавгата за „рачињата во медот“ неповратно ги уништи односите ВМРО-ДПМНЕ – Арсовска. Оттогаш советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се на различни страни, често пати влегувајќи во конфликти. Па така, Арсовска планираше Градот да земе кредит за да набави нови електрични автобуси, но таквиот предлог над 10 пати не доби поддршка од мнозинството советници во Советот.

И додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката и Владата си ја префрлаат одговорноста за колапсот, граѓаните се тие кои ја плаќаат цената.

Стотици илјади работници, ученици и студенти секојдневно мрзнат на постојките и доцнат до нивните одредишта. Поради доцнењето на автобусите, голем број од средношколците добиваат неоправдани изостаноци, а голем дел работници се под притисок од своите претпоставени.