Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ на прес конференција најави дека утре ќе поднесе оставка и ќе презеде одговорност за трагедијата што се случи во Нови Сад, иако не е виновен, но сака да покаже дека во Србија мора да има и политичка одговорност и одговорни политичари.
- „Луѓето кои работат со мене и јас плачевме и денес за тие луѓе. Се уште мислам на дедото кој со двете внуки тргнале да се возат со воз и ќе плачам за нив додека сум жив. Иако немам деца, не можам да дозволам некој да ме покажува со прст дека сум виновен за смртта на било кое дете, без доказ, затоа што мислат дека се им е дозволено“, рече Весиќ со насолзени очи.

Весиќ додаде дека нема да набројува што се се изнаслушал претходните денови.
- „Чесен сум и одговорен и ќе се потрудам да докажам колку тие тоа го немаат, горд сум на честа на партијата и на претседателството на нашата организација и секогаш ќе бидам таков и сега кога веќе не сум министер. Благодарен сум на претседателот Вучиќ за довербата и секогаш ќе му бидам на располагање. Сакам да им изразам сочувство на семејствата на жртвите, ова е страшна трагедија“, рече Весиќ.
Тој апелираше до општеството да најде сила да спречи повторување на ваквите трагедии. Ги повика надлежните да утврдат кој е одговорен и кој од проектант, изведувач, надзорник, инвеститор не ја извршил работата на Железничката станица во Нови Сад.
На крајот од говорот праша зошто Железничка инфраструктура на Србија не ја одржувала станицата во изминатите децении и години, нешто за кое рече дека е нивна законска обврска. Весиќ е меѓу функционерите чија оставка беше побарана по падот на натстрешницата. Здружената новосадска опозиција побара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.





