Во океанот од информации што веќе подолг период циркулираат околу македонско-грчките разговори за разликите за името посебно место заслужува теоријата на заговор, според која атињани деновиве се бомбардирани со бранови со екстремно ниска фреквенција за да се спречи нивно излегување на утрешниот протест?!



Според тие што веруваат во оваа теорија што се шири низ главниот град на Грција, странски сили ги испраќаат овие ЕЛФ-бранови за да го поткопаат протестот против зборот „Македонија“ во името на северниот сосед, пишува порталот keeptalkinggreece.com.

Овие ниски фреквенции биле забележани последните неколку дена од страна на жителите на центарот на Атина од 1 часот по полноќ до 5 ч. изутрина и тие биле причина за ненадејното зголемување на бројот на срцеви удари. Покрај тоа, тие предизвикувале и вибрирање на зградите и помагале за пренос на зборови што можеле да се слушнат без помош на носач на звук и на звучник, тврдат „заговарачите“.

„Сличен звук се слушна и на небото над Солун пред некое време. Станува збор за длабок, продорен звук што доаѓа од горе и паѓа како звучен бран, предизвикувајќи вибрации во зградите. Жителите на центарот на Атина се вознемирени и се прашуваат од каде доаѓаат звуците. Според снимките, ова е многу низок пренос на електромагнетни бранови со научно име ЕЛФ“, му објаснил пријател што се разбира во техника на авторот на пост на националистичка, антимигрантска и вебстраница со теории на заговор.

Друг, пак, постирал „научен доказ“ дека „нискофреквентните бранови на СИРИЗА (владеачката партија на премиерот Алексис Ципрас – н.з.) ќе им предизвикаат значителна штета на оние кои ќе присуствуваат на протестниот митинг“.