На денешен ден, на 1 февруари во 1945 година во велешката Гимназија започнала настава на мајчин македонски јазик, како прва ваква средношколска институција во слободна Македонија. Но, оваа гимназија само ја продолжила својата образовна дејност тогаш во слобода: таа е најстарата гимназија во Македонија, бидејќи е основана во учебната 1857/1858 година. Првиот Наставнички совет на велешката гимназија во 1945 година донел одлука таа да го носи името на големиот македонски револуционер и поет, велешанецот Кочо Солев Рацин. Утрото на 1 февруари 1945 година училишното ѕвоно, по неколку годишна пауза, повторно ги повикало учениците и нивните родители на првиот час на македонски јазик во слободна Македонија. Тој ден била одржана свеченост во дворот на Гимназијата пред учениците, нивните родители, граѓани и гости. Еден подоцна, на 2 февруари 1945 година започнала редовната настава. Учениците со солзи радосници зборувале на својот мајчин јазик. Останаа запишани нивните сведоштва на денот кога српскиот и бугарскиот јазик биле заменети со македонски јазик.
Професор по македонски јазик во велешката гимназија бил и Ѓорѓи Милошевски, подоцнежниот г.г Гаврил, првиот Архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. На долгата листа на оние, што го добиле своето образование во оваа гимназија се и музичарите Стефан Гајдов, Жифко Фирфов, потоа поетот Кочо Рацин, диригентот Ангел Шурев, поетот и шпански борец Ганчо Хаџи Панзов, Гемиџиите, Ѓорѓи Шоптрајанов и зографот Димитар Андонов Папрадишки.
Ристевски: „Три дена траеше нашиот отпор кон воведувањето на бугарскиот јазик, тоа ја покажа силната македонска национална свест кај сите нас!“
Воспоставувањето на бугарската власт во Велес значело и почеток на засилена активност на СКОЈ-евската организација во гимназијата. Започнaле конкретни акции против просветните власти во гимназијата за спречување на фашизацијата, носењето на училишни униформи, зборувањето на бугарски јазик, пречење во наставата и др. Во оваа гимназија се бранела бескомпромисно македонската кауза. Така било и во пролетта 1942-та, кога се случи познатиот штрајк на гимназијалците, прв во поробена Македонија. Велешките гимназијалци на 14 март 1942 година го кренаа својот глас против воведувањето на бугарскиот како мајчин јазик во наставата и против асимилаторската политика што ја спроведувале бугарските власти врз македонскиот народ.
Под раководство на СКОЈ-евската организација и велешкото партиско раководство, учениците застанале во одбрана на својот јазик и својата национална самобитност. Нивната храброст ја поддржале дел од наставниците, родителите и голем број граѓани на Велес. „Три дена траеше нашиот отпор кон бугарските власти, како наша реакција на воведувањето бугарски јазик, на носењето бугарска униформа. Ниту еден ученик не стапна во училиштето. Тоа ја покажа силната македонска национална свест кај сите нас.“– кажал Ристе Ристевски, сеќавајќи се на тој настан.
Кон крајот на 1941 година бројот на членови во СКОЈ-евската организација во гимназијата изнесувал околу 100. Обидот на бугарската власт да ја намали активноста на организацијата преку активирањето на нивните организации „Браник“ и „Отец Пајсиј“ не вродиле со плод. Формирањето на Велешкиот партизански одред во 1942 година значеше и вклучување голем број гимназијалци во неговите редови.
Во септември 1942 година во партизани се вклучуваат Благој Кирков и Благој Јанушев, а подоцна нив им се приклучува Наќо Мешков – Кочо. Во наредните месеци бројот на гимназијалците кои се приклучуваат во партизанските редови расте. Околу 40 гимназијалци беа вклучени во вооружените активности во партизанските одреди. Неколку од нив: Благој Кирков, Благој Јанушев, Ѓоре Органџиев, Јовче Тесличков, Кире Зафиров и Максим Чушков, загинуваат во судир со бугарските војски.
Неуспешните обиди и на грчките владици и фанариотите да воведат грчка писменост во Велес
Велес е меѓу првите, ако не е и прв град во Македонија, каде што почнало да се реализира повисоко образование од основното, гимназиското или како во тој период се нарекувало полугимназијално образование на народен македонски јазик. Постоеле многу причини, кои влијаеле врз развојот на просветното дело во градот. Една од основите за почетоците на велешката гимназија, втемелена уште пред 166 години, била и македонско-словенската писменост, која никогаш не прекинала. За тоа значајна улога одиграле метосите од Рилскиот, Зографскиот, Дечанскиот и другите манастири. Големо влијание имала и појавата на голем број трговци и занаетчии во Велес во периодот на XIX век, кои пројавиле голем интерес за ширењето на словенската писменост во градот.
Обидите на грчките владици и фанариотите да воведат грчка писменост и со тоа да ја потиснат македонско-словенската писменост не вродиле плод. Македонско-словенската писменост се задржала благодарение на компактноста на македонското христијанско население и вековното богослужење во велешките цркви на словенски јазик. Значајна улога имале и свештениците – приватни учители, кои воо своите домови учеле на читање и пишување.
Пренесено од: „Википедија“, статија на МИА, „Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес и статија на Дума.мк





