Васил Јованов ќе одговара за тешко кривично дело со умисла

За Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина се води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот, посочи Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Ја уверувам јавноста и семејството дека постапката ќе биде ефикасна и ќе инсистираме на најстрога казна, дополни првиот човек на обвинителството



– Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа, Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла, рече Коцевски.

Од Министерството за правда пак, судијката Даниела Алексовска-Стојановска која со судска одлука го спасила возачот Јованов од притвор поради поседување дрога, ја разрешија од работната група која работи на измени на Кривичниот законик. Министерот Филков вели дека со разрешувањето не се лоцира одговорност кај неа за пресудите што ги донела. Одлуката е донесена да не се дискредитира процесот што е започнат за суштинските реформи во правосудството.