Со голот на левиот бек Дмитро Хориха две секунди до крајот, ракометарите на Вардар го совладаа Еурофарм Пелистер со 35:34 среде Битола и направија голем исчекор кон враќање на шампионската титула по две години пауза, во кои токму пелистерци ја освојуваа македонската Суперлига.
На половина од плејофот „црвено-црните“ се искачија на врвот на табелата со 12 бода, еден повеќе од битолчани и четири повеќе од третопласираниот Алкалоид, згора на тоа реваншот со вечниот ривал и најголем конкурент во последното коло ќе се одигра во салата „Јане Сандански“ во Скопје на 8 јуни од 18 часот.
Петнаесеткратниот првак на Македонија и осумкратниот шампион водеа рововска битка за секоја топка во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, во која вардарци многу почесто беа во водство, во пет наврати и со максимални четири гола разлика, последен пат 25:21, а имаа предност и од 34:32 пред драматичниот финиш.
Со два гола едноподруго на Филип Кузмановски домаќинот израмни 15 секунди до крајот, во кои гостите имаа напад, четири секунди пред последниот свиреж на судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија прекршок и речиси веднаш по изведеното слободно фрлање проектилот на Хориха заврши зад грбот на Никола Митревски.
Средниот бек Младен Крсманчиќ со 11 гола беше најефикасен во победничкиот тим, за кој Хориха и Вуко Борозан постигнаа по 7, а во поразената екипа левото крило Дејан Манасков 10 пати се запиша во листата на стрелците, еднаш повеќе од капитенот Кузмановски.






