Вардар најде лек за Еурофарм Пелистер и му се доближи на два бода во трката за титулата

Ракометарите на Вардар го добија вечното дерби со шампионот и лидер Еурофарм Пелистер со 24:20 пред своите навивачи во арената „Јане Сандански“ во Скопје и му се приближија на лутиот ривал на два бода во разигрувањето за титулата првак на Македонија.



Битолчани водат на табелата со 23 бода, а двократниот европски првак има 21 пред последните шест круга од плејофот во Суперлигата.

Вардаровиот голман Мартин Томовски со 12 успешни интервенции, вклучувајќи и три одбранети седмерци, беше играч на натпреварот, во кој од неговите соиграчи најефикасен беше Јасухира со 6 гола, пред Георгиевски, Петриќ и Родригеш со по 4.

Кај гостите во нападот се издвои Нејц Цехте со 6 погодока, а чуварот на мрежата Лесјак скроти 8 удари, меѓу кои и еден од 7 метри.