Кандидаткта за претседател на државата поддржана од Левица, Билјана Ванковска, смета де „Рамковскиот договор“ ја заврши својата функција и дека земјата се соочува со дилемата – или одиме во бинационална, федерална или федерализирана држава или ќе се вратиме и ќе бидеме како нормалните држави.
Во интервју за МИА Ванковска вели:
„Еве, почнувам од Рамковниот. Тој си ја изврши својата функција во едно драматично време, беше наметнат однадвор како наводно мировен договор имплементиран делумно во Уставот.
Дваесет години Рамковниот покажа дека од час во час ние завлегуваме во една либанизација, во една уште уставно втемелена етничка сегрегација која веќе доаѓа до апсурд, веќе немате ниту една институција која можете да ја конституирате без да го имате и етничкиот фактор.
Во граѓанските држави, во вистинските демократии каде што демосот, граѓанинот владее тоа не е природна работа, така што мојата поента е дека Рамковниот договор си ја заврши својата историска функција и ако сакаме понатаму треба да се соочиме или одиме во бинационална федерална или федерализирана држава или ќе се вратиме и ќе бидеме како нормалните држави“, вели Ванковска вио интервјуто.
Според неа споменатиот договор не смее да биде „табу“ тема.
„Тоа е табуизација на нештата или правење од нив светиња дека ако тоа го допреме – готово утре калашниковите повторно ќе излезат на улица. Не можеме така да живееме, не можеме со страв да живееме. Помладите генерации не се ни сеќаваат на 2001 година, не биле родени или биле многу млади, а сега живеат со тоа убедување дека таму е клучот на мирот.
Ако така веруваме тогаш ние немаме ни мир ни ништо, ние сме заложници на сопствениот страв“, предупреди Ванковска.






