Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи утре, сепак патува во Атина каде ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос.
Османи, пред неколку дена ниту ја потврдуваше ниту ја негираше посетата на Атина.
Интересно е дека на средба со грчкиот министер за надворешни не оди македионскиот колега Никола Димитров, нешто што предизвикува „интерес“ но и чудење во дел од јавноста.
За последен пат тој се појави во јавноста на 19 декември минатата година кога во Скопје учествуваше на средбата на советодавната група – Балкан во Европа (BiEPAG) на тема “Нов Македонски Момент” која ја водеше професорот Флоријан Бибер.
Додека неговиот колега Коѕиас секојдневно е присутен на медиумите и социјалните мрежи и упорно ја промовира грчката позиција во спорот за името, Никола Димитров го нема никаде.
За многумина е изненадување и тоа што наместо Димитров на средба со Коѕиас во вторник во Атина патува вицепремиерот Бујар Османи кој што како одговорен за европските интеграции во владата има ингеренции во надворешната политика и односите со соседите но тој сепак со средбата го отвора прашањето зошто со грчкиот колега не се среќава Димитров кој како екс преговарач за името има и знаење и искуство за оваа критична и клучна тема.
Утрешната посета на Османи грчките медиуми ја коментираат како прва точка од јануарските предвидени активности околу прашањето за името, а во насока на, како што наведуваат, „раздвиженоста“ на релација Скопје-Атина ги споменуваат и посетата на Македонија на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, новата рунда разговори на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји и евентуалната средба на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Светскиот економски форум во Давос, пренесува МИА.





