Бучковски: Со сегашното искуство, би бил подобар премиер отколку што бев

Некогашниот премиер Владо Бучковски смета дека подобро би ја вршел таа функција сега, благодарејќи на собраното искуство, во споредба со двегодишниот мандат пред две децении.



„Јас мислам дека, со искуството што го имам сега, би бил подобар премиер отколку што бев од 2004 до 2006 година. Тоа што го работев, би го работел уште повеќе, но на поинаков начин, бидејќи откога влеговме во оваа фаза да е побитен пиарот отколку државните интереси мислам дека се загуби волјата и кај политичарите кои имаат лидерски капацитет да ги водат државите и регионот, да влечат напред. Сите гледаат од денес до утре какви се реакциите на дневна основа и никој не влече стратешки потези. Големите потези скапо ги платија моите колеги Заев, Шекеринска и Ковачевски, но одработија нешто што за малата Македонија во ова ново геополитичко натегање меѓу големите сили е единственото нешто што добро го направивме во овие 30 години“, изјави тој во емисијата „Граѓански агол“ на црногорскиот Центар за граѓанско образование (ЦГО).

Бучковски истакна дека Македонија била лидер на Западен Балкан во евроинтеграциите кога тој беше претседател на Владата, но со доаѓањето на новата власт се загубиле десет години во расправии и провокации со Грција, па место во 2008 година државата влезе во НАТО во 2020 година.

Тој ја искритикува и актуелната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ за немање интерес за евроинтеграциите, откако од позиција на опозиција ветувале репреговарање на Договорот со Бугарија и враќање на името Република Македонија.