Бутарис уште го тегнат за уши во Грција дека кажа Македонија

Во Грција не стивнуваат критиките за солунскиот градоначалник Јанис Бутарис што при посетата на Скопје ја именува државава како Македонија, за што денеска му забележа и гувернерот на регионот Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас.



„Многу ми е жал за градоначалникот на Солун, па дури ќе кажам и дека точниот момент кога ја даде изјавата го прави сомнителен“, изјави тој на заедничката прес-конференција со министерката за култура Лидија Кониорду во Амфиполис, додавајќи дека тоа било „национално опасна и штетна позиција“.

Бутарис го искритикува и шефот на фракцијата „Ендакси“ на Нова демократија во градскиот совет на Солун, Ставрос Калафатис, кој во интервју за телевизијата Атлас патем му се обрати и на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

„Градоначалникот на Солун уште еднаш ја нарече ПЈРМ со нејзиното уставно име и наместо да се извини како порано, тој дава нови изјави, се чини по претходни консултации лично со министерот за надворешни работи на Грција. Министерот мора да одговори дали навистина постои таков договор и за кои прашања и во чија надлежност разговараше соулснкиот градоначалник со претставници на Владата во Скопје. Постои уште едно важно прашање: јавните настапи на градоначалникот на Солун го попречуваат решавањето на спорот со името на ПЈРМ. Министерството за надворешни работи мора да разјасни дали овие позиции ја зајакнуваат позицијата на Скопје во поглед на претстојните преговори“, изјави Калафатис.