Бутарис: Поголем Македонец од мене не постои

„Поголем Македонец од мене не постои поради потеклото. Моето потекло и моето воспитување кажуваат сѐ“, вели градоначалникот на Солун во интервју за радио „Практорио фм“, на грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ.



Јанис Бутарис е роден на на 6 јануари 1942 во Солун.  Неговото семејство води потекло од Крушево, а има роднини во Битола, но изјавата дека е Македонец се однесува на оние Грци кои за себе тврдат дека се чувствуваат Македонци, јавува дописникот на МИА од Атина.

На последната посета на Скопје во средината на ноември, тој ја нарече земјата домаќин Македонија поради што беше изложен на жестоки критики во Грција.

Градоначалникот на Солун од 2010 година е познат бизнисмен, основач на винската компанија „Кир-Јани“, која го произведува и виното што беше послужено на 30 декември на вечарата на Бутарис со македонскиот премиер Зоран Заев.

За средбата со Заев, Бутарис вели дека го поканил да ја пречека Новата година во Солун.

„Неговиот брат и неговите пријатели, секоја седмица се во Солун. Она што го финализиравме е да работиме на спуштање по Вардар, во некој момент во април. Можеби ќе имаме и заеднички екипаж. Второ, се договоривме да правиме културни размени што ќе вклучуваат танц, музика и предавања. Еднаш во Скопје, еднаш во Солун“.

Коментирајќи го спорот околу името меѓу двете земји Бутарис изјавил:

„Прашањето за името излезе од колосек, чисто поради глупостите на политичарите. Луѓето сакаат да си најдат идентитет. Со отстапки од двете страни, но и од опозицијата, подготвени се за компромис. Господинот Заев рече дека ќе го смени името на аеродромот, ќе ги смени таблите на улиците“.