Бугарски медиуми: Борисов пречекан со радост и со надеж во Струмица

Бугарските средства за информирање со големо внимание ја следат денешната посета на членовите на Владата на Струмица за заедничката седница со своите македонски колеги, истакнувајќи го пречекот на премиерот Бојко Борисов „со радост и со надеж“.



„Струмица е градот во кој сегашниот премиер Зоран Заев беше градоначалник во три мандата или вкупно 12 години, град што последен се присоедини на бивша Југославија според Нојскиот договор во 1920 година и тоа го претвори во исклучително изолиран град, многу сиромашен, без речиси никаква инфраструктура. Целосно поинаква е ситуацијата во моментов, градот се развива со многу брзо темпо, кажуваат дека дури е и најбрзоразвивачкиот град во целата земја. Можам да кажам дека расположението во Струмица пред денешното заседание е расположение на луѓе што се радуваат и гледаат со надеж на новата епоха во развојот на бугарско-македонските односи“, јави известувачката на државната Бугарска национална телевизија (БНТ).

Порталот „Актуално“, пак, ги пренесува реакциите на граѓаните кога ги забележале Борисов и Заев.

„Многу луѓе им пријдоа на двајцата лидери, скандирајќи ‘Зоки, Зоки’, како што го викаат нагалено Заев, а потоа ‘Бојко, Бојко’. Еден од жителите на Струмица реагира на зборовите на Борисов (дека ќе се гради магистрала Струмица – Петрич – н.з.): ‘Ајде почнувајте побрзо, бидејќи сакаме работа’. Луѓето поставуваа и други прашања, но двајцата премиери не успеаја да одговорат на сите и се упатија кон местото каде што ќе се спроведат преговорите“, известува порталот, додавајќи дека Заев и Борисов положиле цвеќе на споменикот на некогашниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Мостар во 2004 година.