Бугарскиот политички аналитичар Владимир Владимиров смета дека посетата на претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, на Бугарија била успешна, за што лично посведочил, а нејзиниот домаќин и колега Румен Радев ставил дамка со неистакнувањето на македонското знаме, без оглед на тоа што средбата била неофицијална.
Според него, оправдани се реакциите од македонска страна, а потегот на Радев не бил случаен.
„Политичарите од Бугарија и од Северна Македонија знаат од мува да направат слон. Посетата на претседателката на Северна Македонија на Софија беше успешна, јас сум сведок. Гостувањето на Македонската опера помина одлично, доби огромен аплауз, софиската публика уживаше, претседателката имаше добар разговор со Радев. Иако посетата беше неофицијална, не го ставиле македонското знаме, што е проблем, според мене. Значи, официјално-неофицијално, требало да има знаме. Тоа е еден гест на добра волја, на гостопримство, да биде таму и македонското знаме. Бидејќи станува збор за претседателот Радев, кој во последниве две години функционира како агент на руското влијание, не ме чуди неговата реакција и начинот на кој се однесуваше со македонската претседателка“, изјави Владимиров во интервју за ТВ Сител дадено на одличен македонски јазик.






