Комисија која објективно ќе ја разгледа историјата, двете држави заеднички да чествуваат историски личности и настани, а земјите да се обврзат дека нема да демонстрираат територијални претензии една спрема друга, предвидува Договорот за добрососество меѓу Бугарија и Македонија кој треба да добие „амин“ од бугарските парламентарци.
Министерскиот совет на Бугарија на денешната седница ќе му предложи на Народното собрание да го ратификува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија, потпишан на 1 август во Скопје.
Предлогот од Владата, за кој ќе реферира вицепремиерката за реформа на правосудството и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, е 26. точка меѓу 36 на дневниот ред на заседанието закажано за 9 часот по средноевропско време.
Договорот се подготвуваше уште од 2008 година, а потписот летоска го ставија премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев еден ден пред Илинден.
Пред потпишувањето на документот, Народното собрание на Бугарија донсе декларација за поддршка на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, потсетуваат бугарски медиуми.





