Бугарија ќе ја подучува Македонија за претпристапните фондови на ЕУ

Бугарија ќе ги сподели своите искуства со апсорпцијата на парите од Европска унија со земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија.



Ова е една од целите што си ги постави Бугарска трговско-индустриска комора (БТПП) во рамките на претседавањето на земјата со Совет на Европска унија, изјави во интервју за Канал 3 генералниот секретар на Комората, Васил Тодоров.

За оваа тема се дискутираше и на форумот за иднината на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

„Приоритет за нашите фирми во регионот се транспортот и изградбата на железнички линии, енергетиката и туризмот. Некои наши компании веќе пројавија интерес да учествуваат во идната изградба на гасните меѓусистемски врски со Србија, Грција, Македонија и Турција. Туризмот е исто така меѓу секторите за кои сè повеќе се зборува“, истакна Тодоров.

„Бугарија може да им помогне на нашите партнери од Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово со своето искуство стекнато при апсорпцијата на претпристапните фондови и на програмите за прекугранична соработка. Многу наши фирми имаат успешно реализирано проекти во сферата на човековите ресурси, културната размена и туризмот“, додаде тој.

БТПП направила студија за интересот на бизнисот да се вклучи во владините делегации при посети на соседните земји на Бугарија, а во последниве месеци интересот за Македонија значително е зголемен.

По посетата на премиерот Бојко Борисов на Македонија и разговорите со неговиот македонски колега Зоран Заев интензивиран е дијалогот за создавање Бугарско-македонска трговско-индустриска комора. Се очекува таа да почне со работа за неколку месеци.