Во својата анализа на состојбите по денешното преземање на Бугарија на позицијата претседавач со ЕУ, телевизијата Еуроњуз анализира што ќе се случи откако најкорумпираната земја членка ќе го преземе претседателството со унијата.
Според најавите на премиерот Бојко Борисов меѓу главните приоритети за Бугарија е „Западниот Балкан“.
„Предпристапниот период е многу важен за овие земји. Бугарија својот најголем напредок го постигна токму во тој период. И ако му дадеме на Западниот Балкан јасна перспектива можеме да очекуваме добар развој. Од друга страна владата ќе може да ја дефокусира јавноста од други теми кои што не се корисни за неа како што е битката против корупцијата“, вели Даниел Смилов од Центарот за Либерални стратегии од Софија.
Еуроњуз ја анализира и состојбата со договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија и пренесува изјави на претседателот на ОМО Илинден – Пирин Стојко Стојков кој смета дека меѓу двете земји сеуште постојат разлики.
„Причините за постојаните проблеми меѓу Бугарија и Македонија имаат иста генеза: непризавањето на македонското малцинство во Бугарија и негирањето на македонската нација. Тоа секогаш создава конфликт. За жал од потпишувањето на договорот со политиките на Софија нема реален прогрес на оваа тема”, вели Стојков.
Можност за исчекор на Западниот Балкан кон ЕУ според најавите од Софија е самитот ЕУ – Западен Балкан кој што треба да се одржи во мај во Софија.




