Стефан Стојановиќ ѝ донесе бронзен медал на Македонија од Светското првенство во карате до 21 година во Венеција откако во „малото финале“ во категоријата над 84 килограми победи со 3:2 по пресврт против Николај Секот од Германија, кој ги освои првите два поена.
За членот на карате клубот Макпетрол ова е втор медал од младинските мундијали по сребрениот на претходниот пред две години во турскиот град Коња.
Во полуфиналето Стојановиќ ремизираше 3:3 со Италијанецот Матео Аванзини, но домашниот натпреварувач се пласира во финалето благодарејќи на правилото за прв освоен поен. До таа борба македонскиот каратист нанижа три победи во низа, совладувајќи ги Алишер Таижан од Казахстан со 1:0, Константин Ковуров (неутрален) со 2:1 и Етан Смол од Канада со 4:1.
Стојановиќ има и два медала од европските првенства во помлади категории, и тоа злато во јуниорска и бронза во младинска конкуренција.






