Британски историчар: Расизам е Македонците да не можат да се викаат така

Марко Атила Хоаре, британски историчар од универзитетот Кингстон, ги нарече расизам обидите да им се забрани на Македонците да го користат тоа име за сопствена идентификација во последната од серијата реплики на Грци на „Твитер“.



„Тоа е чист расизам – обидите да им се забрани на луѓето од ‘погрешна’ етничка припадност да користат име. Тие веројатно нема да признаат ни црни Македонци“, е последниот коментар на Хоаре во дебатата што речиси цел месец ја води со твитерџии од Грција.

Хоаре, чиј татко е британскиот преведувач Квинтин Хоаре, а мајка хрватската историчарка и новинарка Бранка Магаш, во серија твитови ја нагласува разликата меѓу Македонците и Грците, залагајќи се за правото на Македонците на самоидентификација.

„Контрастот меѓу двосмисленоста на античките Грци во однос на грчкоста на Македонците и фанатичната сигурност на модерните Грци навистина е нешто за одбележување“, твитна тој на 28 ноември.

„Овозможувањето на грчкото малтретирање на Македонија од страна на ЕУ е една од најголемите поенти против неа“. (27 ноември)

„Не; и двајцата се многу посуптилни од тоа. Ансон: ‘Македонците во основа не ги сметале за вистински Грци пред или во текот на владеењето на Филип и на Александар.” (26 ноември)

„Вие едноставно ги игнорирате сите докази за различноста на Македонците и го туркате митот за нивна хомогена и недвосмислена грчкост, кој сериозните научници не го поддржуваат“. (26 ноември)

„Н.Г.Л. Хамонд: ‘Македонците воопшто не се сметале себеси за Грци, ниту, пак, ги сметале Грците за свои соседи’. Мислам дека тоа е категорично“. (26 ноември)

„Кога Александар Први сакал да учествува на Олимпијадата, морал да тврди дека има грчко потекло, бидејќи ‘Очигледно како Македонец би му било забрането’, според Едвард М. Ансон“. (26 ноември).

„Само во 328 г.п.н.е. на неблагороден Македонец му било дозволено да учествува и да победи? Што е со стотиците години на олимпијадите пред тоа“. (26 ноември)

„Како што вели Мозес Финли: ‘Грците гледале на Филип како на ‘деспот и аутсајдер’, во најдобар случај како ‘почесен Хелен’“. (26 ноември)

„Картлиџ: ‘Вреди да се забележи дека само актуелниот крал на Македонија и ниту еден друг Македонец бил сметан за доволно Грк за да му биде дозволено да влезе на светите Олимписки игри како натпреварувач’“. (26 ноември)

„Никој не оспорува дека Атињаните или Спартанците биле Грци. Но за Македонците да. Според тоа, вашата презентација за нивната грчкост како непроблематична е неоправдана“. (26 ноември)

„Тоа е како етничкиот Грузиец Сталин да промовира руски национализам и панславизам за да го зајакне својот милитаризам и експанзионизам“. (23 ноември)

„Исто така смешно е како самоидентификувањето на македонските кралеви како Грци е прифатено (наспроти грчкото противење), но самоидентификацијата на современите Македонци не е!“. (8 ноември)