Брзата пруга во Коридорот 10 ќе биде готова за 1,5 до две години, најави на денешниот брифинг со новинарите премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за железничката линија со која од Будимпешта преку Србија и Македонија ќе се стига до Атина со брзи возови, како дел од европската железничка мрежа.
Реконструкцијата на македонскиот дел од пругата ќе чини не повеќе од 2 до 2,5 милиони за километар, според досегашните проценки. По пругата ќе се вози со брзина од 110 до 120 км/ч. Во моментот се преговара со компанија која треба да обезбеди проток на милион тони годишно по неа.

Како што објасни премиерот, кога дошле на власт, Македонија немала ниту една активна локомотива, па странските компании сериозно размислувале транспортот да го префрлат преку Бугарија. Неодамна, премиерот посочи дека оваа Влада работи на сонот Македонија да bide раскрсница транспортна, железничка и енергетска раскрсница.
Претходно, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека брзата пруга на делницата Нови Сад – Суботица ќе биде пуштена во сообраќај на 24 ноември, а ден претходно Унгарија, Србија, Македонија и Грција ќе потпишат заеднички изјава за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина (Патра) преку Скопје, објавија медиумите.

Тој кажа дека се очекува до крајот на 2025 година унгарските партнери да го завршат својот дел од пругата, од српската граница до Будимпешта, долга 166 километри со што брзата железничка врска од Белград до Будимпешта ќе трае два часа и 45 минути.
Во согласност со договорот за изградба на брзата пруга Белград – Ниш, долга 230 километри, Владата на Србија донесе уредба за план за посебна намена, со кој практично се овозможува работите да започнат следната 2025 година. Весиќ посочи дека за време на работите нема да има затворање на сообраќајот, бидејќи Србија не смее да го загуби товарниот сообраќај и кажа дека до февруари ќе заврши реконструкцијата на пругата Ниш – Брестовац, долга 23 километри.





