Братството на владиката Партениј од Бигорскиот манастир повика на единство на светата МПЦ-ОА.
Во објавата на веб страната на Свети Јован Бигорски се упатува благодарност до тие што искажале поддршка за епископот Партениј вели дека тие што протестираа за негов поддршка не смеат да го изгубат од вид тоа што е најважно единството на светата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Со објавата на братството на Владиката Партениј се продолжува јавната дебата за изборот на нов епископ на Дебарско – Кичевската Епархија во која влегуваат и Охрид и Струга но се става крај на стравовите дека на МПЦ-ОА и се заканува некаков вид конфликт или не дај боже раскол.
Со објавата владиката Партениј имплицитно го признава апсолутниот авторитет на поглаварот на МПЦ -ОА Г.г. Стефан и на ставовите на светиот синод на МПЦ-ОА.
Предходно според информациите кои не се официјално презентирани главен кандидат за иден владика на епархијата која ја предводеше покојниот владика Тимотеј се смета отец Георгиј, поранешен декан на Богословскиот факултет и екс амбасадор на Македонија во Ватикан со световно име Ѓоко Ѓорѓевски.
Скоро замонашениот Георгиј во црквата но и во други цивилни кругови важи за еден од најголемите живи македонски интелектуалци.
Владиката Партениј и неговото братство со овој потег дадоа дополнителна сила на МПЦ-ОА во односите со Цариградската патријаршија која се уште го проблематизира Томосот на признавање на македонската црква добиен од СПЦ и други теми како непризнавањето на Украинската православна црква од страна на МПЦ-ОА.
Целата објава на братството на Владиката Партениј:
Поттикнати од јавните бранувања, објавите по медиумите и социјалните мрежи и од неодамнешните јавни собири во врска со назначувањето на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, чувствуваме обврска да се обратиме со зборови на љубов и духовно расудување.
Благодарни сме што верниците, постапувајќи според својата загарантирана слобода, самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон Црквата. Таа грижа сведочи за нивната жива вера и за длабоката поврзаност со Црквата, како и кон нивната ревност кон црковните преданија.
Но, во овој момент, со длабока љубов замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА. Тоа е почетокот и крајот на сè. Тоа е темелот врз кој почива нашето заедништво, нашиот мир и секоја наша духовна надеж!
Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок.
Во Бигорската Обител никогаш не сме се стремеле кон човечки височини и признанија, туку кон височините на духот. Зашто и највисокото место е залудно, ако не се претвори во служење и полза за Народот и Црквата. А и најскромното може да биде возвишено, ако од него извира љубов, тивка жртва и светлина. Затоа, не чувствуваме ниту навреда, ниту понижување, туку достоинство што доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела. Нашата радост е во народот што се преобразува, во младите што се враќаат на верата, во солзите што се претвораат во надеж и во натамошниот раст на нашата МПЦ-ОА. И во тоа, тивко, но сигурно, со уште поголема жар продолжуваме!
Во овие мигови, кога се очекува синодска одлука, најпотребно од сè е да ја засилиме нашата молитва, имајќи ја пред очи големата слика, а тоа е натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу сите нејзини чеда. Нека нашето однесување биде смирено и достоинствено, а нашата вера уште понепоколеблива.
Со благослов,
Братството на Свештениот Бигорски Манастир






