Златко Хаџидедиќ, универзитетски професор од Сараево и експерт за меѓународни односи, ја критикува Европска унија што ги издвои Србија и Црна Гора со временска рамка за зачленување, оставајќи ги Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија, Косово, па и Турција, во сива зона, каде што не се знае што ги очекува и дали можат да се надеваат дека некогаш воопшто ќе бидат примени.
„Босна и Херцеговина се наоѓа на ветромет на различни надворешни интереси, каде што на многумина им беше цел БиХ да се подели. Не само на Фрањо Туѓман и на Слободан Милошевиќ, туку и на некои глобални сили кои си зацртале дека БиХ и Македонија, при излегувањето од бивша Југославија, немаат право на живот. И денеска постојат инцијативи БиХ и Македонија да се отстранат“, изјави Хаџидедиќ во интервју за Радио Слободна Европа пред да се осврне на Македонија.
„Што се однесува до Макдонија, многу слична е идејата таа да се подели, првенствено меѓу некакви идни Голема Албанија и Голема Бугарија, Единствено што во сето тоа Бугарија не даде да се фати во таквите идеи. Албанија повремено покажуваше склоност кон таквите идеи, но Бугарија никогаш. Малку-малку, па ќе се јават некои бивши дипломати, разузнувачки офицери или некакви експерти за надворешни односи, кои ќе кажат дека Босна и Херцеговина се неодржливи држави. Тоа, значи, не го измислив јас, тоа го има многу во литературата.
Последните такви иницијативи се појавуваа пред повеќе од една година во познатото списание ‘Форин афеарс’. Бившиот британски дипломат Тимоти Лес токму таква иницијатива изнесе. Потоа, извесен Шиндлер, бивш американски разузнувачки офицер итн.
Значи, тие идеи се постојано присутни и ние мораме секогаш да бидеме свесни дека тие нема туку-така да исчезнат, сè додека Босна и Херцеговина не се реконституираат внатрешно, додека не најдат сили да воспостават нов уставен поредок, сами, без никакво надворешно плеткање.
Се разбира, Македонија немаше ист вид на вплеткување, но Македонија сето време, од страна на Грција, е држана во некој меѓупростор, дека фактички е полупризната, а полунепризната држава“, додава Хаџидедиќ.
„Потоа ќе се појават идеи за одржување конференции за Западен Балкан, токму какви што се подготвуваат во Софија и во Лондон. Тука дури би можеле да се појават инцијативи за кои зборував Босна и Херцеговина и Македонија да се поделат. Бидејќи, демек, ‘само што не сме западнале во нов судир, па подобро е и тоа да се направи, а судирот да се спречи’.
Земјите на Балканот се поврзани и големите сили што се вмешани тука калкулираат со сè можно, па на едни им е доделан една улога, а на други друга. Повторувам дека во сета таа приказна Македонија и БиХ во старт се ставени во позиција што е исклучително хендикепирана“, заклучува стручњакот за меѓународни односи од Сараево.





