Бугарскиот премиер Бојко Борисов на прес-конференцијата по средбата со својот македонски колега Зоран Заев во Струмица го посочи министерот за одбрана Красимир Каракачанов како „многу подготвен“ за темата со македонскиот јазик, како одговор на новинарско прашање дали тој постои и е посебен од бугарскиот.
„Пред малку, пред да влезам тука, се сретнавме со граѓаните на Струмица и апсолутно се разбиравме. Сега, како што гледам, ниту еден од новинарите, ниту македонските ниту бугарските, имате слушалки и се разбираме. Што има поважно од тоа да се разбираме и да си одиме напред по патот. Сите луѓе ни ги поставуваат тие прашања: ‘Кога ќе го направите патот?, Кога ќе има повеќе работа?, Кога ќе ни се зголемат приходите?’. Научниците нека зборуваат за таа тема. Нека пишуваат докторати. Имаме илјадагодишна историја и секогаш може да се најде нешто за да се скараме и да тврдиме што е постаро. Одамна во нашите односи со колегата Заев сме се разбрале. Ќе ги направиме практичните нешта, а историчарите нека си докажуваат што е и како е. Ако направиме таков разговор денес, да спориме кој е кој јазик, тука Каракачанов е многу подготвен за темата. И наместо да потпишеме договор за соработка, може на крајот да дојдат со госпоѓата (Шекеринска – н.з.) со по еден тенк тука. Радувајте се да правите концерти, вие сте млади луѓе, животот да си врви. Ниту ние ќе дојдеме да живееме тука, ниту вие кај нас. Можеме само да си направиме да живееме подобро“, одговори Борисов.
По дигресијата со тенковите и со лидерот на бугарската ВМРО, Каракачанов, пред насмеаниот Заев, претседателот на Министерскиот совет на Бугарија се повика на вчерашната пресуда на Ратко Младиќ за воени злосторства за да илустрира како може да заврши ненаоѓањето заеднички јазик меѓу луѓето.
„Вчера го гледавме филмот за Ратко Младиќ, претпоставувам дека и вашите телевизии ја покажаа пресудата, со сите тие снимки. Потресувачко нешто. Воопшто не сакам да спорам кој е виновен. Заклучокот е: ако еден политичар, или една држава, или една политичка гарнитура не најдат ваков пат каков што ние се обидуваме да го следиме, следува такво нешто какво што го гледавте вчера – жртви, крв и страшни глетки. И што се доби? Европска унија потроши милијарди за таа војна. Уште има и наши војници во Босна и Херцеговина по воените бази. Една патека нема направено. Каква беше користа од тоа што се случи? Човечки трагедии, и тоа многу жестоки. Кој има претензии кон нас и кон вас за да си поставуваме сега слични прашања?“, праша Борисов.





