Боки 13 ги предаде на обвинител пораките со Спасовски, Заев, Русковска – кажа: Сите ќе одговараат

Екс премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, поранешните генерални секретари на СДСМ, Оливер Спасовски, Александар Кирацовски и актуелниот, Миле Зачевиќ но и поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, се дел од десетиците функционери против кои Бојан Јовановски познат како Боки 13 поднел кривични пријави до ОЈО ГОКК, а за што денеска беше повикан на прв распит во ова Обвинителство. Како што објасни Јовановски, тој на распитот денеска изнел дел од своите сознанија против политичарите и правосудните функционери за кои поднесе кривични пријави, а дел од доказите кои ги поседувал ќе му ги предаде на Обвинителството по писмен пат.



Сите мои сознанија ќе бидат материјализирани со докази кои потекнуваат од мојот телефон кој што ми беше одземен при апсењето во случајот Рекет. Станува збор за повеќе кривични дела, злоупотреба на службената положба, злоупотреба на јавни набавки, изборни нерегуларности, незаконско финансирање политичка партија. Освен за злоупотреба на службената положба, обвинителката Вилма Русковска е пријавена и за тортура и примање поткуп“, кажа Јовановски.

Јавна тајна во Македонија бил криминалот за кој Јовановски предал докази во Обвинителството на Ислам Абази. Боки 13 е уверен дека пријавите ќе резултираат со судски предмети и сите ќе одговараат. Тука ја посочи и екс-обвинителката Русковска која според него ја злоупотребила службената положба и примала поткуп. Тој рече дека станува збор за сторени кривични дела од страна на посочените функционери кои се јавна тајна во Македонија, но кои досега формално-правно не биле пријавени. Тој најави дека ќе поднесе и нови кривични пријави, но не откри против кого.