Најубавата вест денеска ја соопшти Иле Темелковски. Со видео лично ја негира (дез)информацијата што како пожар се рашири по порталите и социјалните мрежи. Лажна вест на која наседна дури и Ракометната федерација на Македонија, па мораше да (се) демантира.
Ико е жив и здрав!!! Икиќ не починал, како што излажаа еден куп „информатори“ што некритички пренесоа неточна вест. И тоа во моментов е најважно.
За семејството, за пријателите, за ракометниот свет големо олеснување. За органите на прогонот – токму спротивното. Еве им можност да го фатат за гуша авторот на (не)солената шега и најстрого да го казнат. Па ни нему, ни на некој друг повеќе никогаш да не му текне да си поигрува со животот и со смртта, со најчувствителната можна информација.
Темелковски е последниот што заслужил вакво морбидно пиши-бриши по медиуми. Легенда на македонскиот ракомет во буквална смисла на зборот. Како селектор, творец на првиот голем исчекор на машката репрезентација на Македонија со 11. место на Светското првенство 2009 во Хрватска, втор најдобар пласман во досегашните девет учества на мундијалите по деветтото место во Катар 2015. Со јуниорската селекција шесто место на СП 2017 во Алжир.
Играчка легенда на скопскиот суперлигаш Пролет, подоцна во повеќе наврати и негов успешен тренер, а ги водеше и битолски Еурофарм Работник, и Струга. Со подмладокот на Пролет, пак, лани стана вицешампион во младинската лига на Македонија.
Колку со постигнувањата на ракометниот терен, Ико е омилен лик и надвор од него. Авторитет, педагог, строг, но праведен, пријател, човек од збор. Некој што не се плаши да фрли во оган млад и неискусен ракометар, колку и да се важни натпреварот и резултатот. Некој што минатата година на 70 години го подметна грбот среде сезона и со победата во Прилеп му обезбеди плејоф на Пролет по заминувањето на дотогашниот тренер.
И на таков човек да му го направиш тоа што некој несовесен, без два грама мозок, денеска му го направи?! И тоа нецел месец по ненадејната смрт на тренерот на Пролет, Александар Јовиќ. Каква епохална бесчувствителност! Срам и арам!
Што би рекол Велија Рамковски, „новинарството се претера“. Море, не да се претера, туку нема соодветен израз што би го опишал налепувањето на делот од средствата за информирање на лажната вест и нејзиното пренесување без да ја провери. За да биде уште пожално, бројот на прелажаните што потоа ги излажаа своите читатели воопшто не е за потценување. Недопустливо дури ни за 1 април, а камоли за 6 февруари. Дно.






