Македонската активистка од Франција, Сузана Сурловски-Георгиевска, претседателка на Асоцијацијата „Блаже Конески“ од Париз, сподели на Фејсбук за голготата на нејзината мајка, која живее со неа и има регулиран престој таму, неодамна дошла во Македонија, но на аеродромот во Скопје не ја пуштиле да излезе од земјата со пасошот со „Република Македонија“.
„Вчера наутро на аеродромот во Скопје се соочивме со многу непријатна случка.
Живееме и работиме во Франција повеќе од 20 години, со нас живее и мојата мајка која се уште го има пасошот на Република Македонија кој има важност до септември 2030 година и карта за престој од Република Франција.
Но вчера наутро кога пристигнавме на Скопскиот аеродром за враќање назад за Франција на мојата мајка не и дозволија да патува.
Почнав да објаснувам дека мајка ми живее со нас и дека таа сепак е со валиден документ кој сеуште е важечки и издаден од страна на МВР.
И покрај објаснувањата меѓу персоналот кој работи таму и со дел од одговорните лица сите дигаат раменици ниту тие имаат соодветно објаснување.
Но госпоѓо наредбата не доаѓа од нас велат, што потполно ги разбирам.
Не е само мојата мајка има премногу нашинци без разлика на нивната припадност, кој ќе се најдат затечени дали внатре или надвор од државата со иста или слична проблематика.
Се прашувам дали некој ќе ја превземе одговорноста за сиот овој хаос предизвикан?
Или како секогаш одговорноста ќе биде префрлена на оние кои најмалку се виновни?
Или македонскиот народ е научен на секакви тортури, малтретирања и омаловажувања па ќе го проголта и ова?
Иаку сите овие законски измени кои се наведени во текстот подолу не се благовремено применети, но се разбира повторно на штета на народот.
Државата од 2019. не смеела да издава лични документи со Република Македонија, но сепак тие тоа не го сторија.!!!
Со Амандманот XXXIII на Уставот од јануари 2019 името на државата се промени во Република Северна Македонија. Амандманите влегоа во сила со влегувањето во сила на т.н. Преспански договор на 12 февруари 2019. Со Уставниот закон од 2019, државата презеде обврска постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, да се усогласат со новото име на држават.
Околноста што во одредени закони, подзаконски акти и обрасци кои се донесени пред уставните измени кои се сеуште во сила и во кои е наведено претходното име на државата не може да биде основ за издавање на нови документи со старото име. Уставот, како највисок правен акт, а согласно начелото на супремација на Уставот може директно да се примени доколку одредена норма или образец не е усогласен со новото име. Државата не смеела да издава нови службени документи со поранешното име. Поседувањето односно непоседувањето на соодветни обрасци не може и не смее да биде изговор за противуставно постапување.
Издавањето документи на обрасци со поранешното име на државата кое се спроведувало според одредени изводи до средината на 2021 година, односно две ипол години по 12 февруари 2019 треба да биде предмет на соодветни предистражни дејствија од страна на надлежните органи. Користењето на обрасци кои не требало да се користат, можната набавка на стари обрасци по февруари 2019, како и доцнењето со набавка на соодветни обрасци ги содржи елементите на кривичните дела злоупотреба на службена положба како и несовесно работење во службата. Неопходно е јавното обвинителство во постапка по допрен глас да ги прибере потребните документи и да утврди дали постојат основи за сомневање за сторено кривично дело“.
Преминувањето на државната граница во РМ е уредено со Законот за гранична контрола. Според овој закон, над државјаните на РМ при преминување на државната граница се применуваат тн. минимални гранични проверки. Минималните гранични проверки вклучуваат: (1) проверка на исправноста на патната исправа и (2) провека по несистематска основа во соодветни евиденции и електронски дата бази дали лицето кое ја минува границата претставува закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје. Втората проверка во основа значи дека доколку се утврди дека лицето кое има намера да излезе од територијата на државата се наоѓа на некоја од овие евиденции и електронски дата бази, постои законски основ за спречување на тоа лице да излезе од државата.
Во случај на одбивање на излез од државата граѓаните треба да побараат писмен акт во кој е наведен основот за одбивањето на излезот кој што пак понатаму може да се оспорува во постапка пред Управниот суд“, пишува активистката и администраторка на Фејсбук-групата „Иселенички дневник“, чие здружение „Блаже Конески“ во 2015 година доби Повелба на Република Македонија од тогашниот претседател Ѓорге Иванов.







