Германскиот магазин „Билд“, во соработка со пребарувачот за патувања momondo.de, објави листа на пет скијачки центри во Источна Европа во тренд, меѓу кои ја вклучи и Попова Шапка.
„Скијачкиот центар се наоѓа во Полог, 51 километри од Скопје и 19 километри од Тетово, на Шар Планина на висина од 1.708 до 2.525 метри. На скијачите и на сноубордистите на Попова Шапка им се достапни 20 километри патеки со сите нивоа на тежина. Осум лифтови, вклучувајќи и еден повеќесед, ги превезуваат спортистите нагоре. Ски-картата чини околу 15 евра дневно. Инфраструктурата е добра, а местото ја зачувало својата атмосфера од соништата“, пишува „Билд“.
Другите четири зимски центри на листата на магазинот се Шпиндлермиле во Чешка, Јахорина во Босна и Херцеговина, Бјалка Татржанска во Полска и Крањска Гора во Словенија.





