Идејата за заедничка граница на Грција и Србија, која во првите години на македонската независност се врзуваше за тогашниот грчки премиер Константин Мицотакис и за српскиот претседател од тоа време Слободан Милошевиќ, во пресрет на утрешниот митинг во Атина ја оживеа поранешниот грчки пратеник Кирјакос Велопулос.
Некогашниот член на Парламентот на Грција од редовите на десничарската ЛАОС на Јоргос Караџаферис, а од неодамна шеф на вонпарламентарната партија „Грчко решение“, препорача преку ТВ Скај, ако нема прифатлив компромис со Македонија за името, Грција да се заложи за промена на границите така што да се граничи со Србија!
На прашањето на новинарот дали тој се залага за војна, Велопулос одговори: „Секако не, постои и економска војна“.
Родениот во Германија, член на тамошната Академија на грчкиот јазик, новинар, писател, автор на деталната биографија „Александар, најголемиот од Грците“ со аргументи за неговото наводно грчко потекло, денес презентер и сопственик на каналот Алерт ТВ, своето учество на утрешниот протест во Атина го образложи со „империјалистичките амбиции“ на САД.
„Американците сакаат протекторат северно од Грција само за да ги минираат руските интереси“, изјави тој.





