„Албанските политички претставници во Р*М, кои тврдат дека припаѓаат на Европскиот фронт, за цело време додека беа на власт не мрднаа ниту милиметар на нашиот пат кон членство во Европската Унија?! Тие се милитанти на Европскиот фронт, но уште повеќе се милитанти и на Африканскиот фронт, затоа што со своите противуставни и противзаконски активности тие нѐ зачленија побргу и посигурно во Африка, одошто во Европа. Тие работеа многу повеќе за нашата африканска интеграција, отколку за нашата европска интеграција!“ – нагласува Ејуп Бериша, политиколог и новинар во Албанската редакција на Македонската радио и телевизија во својата колумна со наслов „Европскиот фронт на милитантите, кои работеа со поголема ревност и желба за членство на земјата во Африка, а не во Европа!“. Колумната ја објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.
Бериша пишува: Како можат некои албански политички претставници во Р*М да тврдат дека припаѓаат на Европскиот фронт, кога за цело време додека беа на власт не мрднаа ниту милиметар на нашиот пат кон членство во Европската Унија?! Не ја доближија земјата до ЕУ, туку ја оддалечија премногу од семејството на европските држави. Да се биде дел од Европскиот фронт значи да направи сѐ, за да влезе земјата час поскоро, а не да се прави сѐ, за да се приклучи на некое друго место.
Кога ги анализираме лошите, назадни и непринципиелни активности на овие претставници, тие повеќе можат да се сметаат како милитанти на Африканскиот фронт, одошто на Европскиот фронт, на кој тврдат дека му припаѓаат. Милитантите за африканска интеграција не прават никаков напор за членство на државата и граѓаните во Европската унија, туку за нивно членство во Африканската унија. Со противуставни и противзаконски активности тие нѐ зачленија побргу и посигурно во Африка, одошто во Европа.
Да бидеш дел од Европскиот фронт значи да создаваш услови и средина за почитување на уставот и законите, односно да ја инсталираш правната држава. Уште повеќе, да бидеш дел од Европскиот фронт значи да се бориш против роднинството (непотизмот), криминалот и корупцијата. Тие што тврдат дека се Европски фронт мора да вложат напори да ги одалечат државните и јавните институции од надворешни и внатрешни притисоци и влијанија.
Оние, кои се нарекуваат претставници на Европскиот фронт, мора да вложуваат постојани напори за потребното функционирање на институциите за прогон, апсење, судење, казнување и затворање на лицата, што што извршиле насилство врз правниот систем на државата. Оние, кои се за членство на земјата во ЕУ, не треба да го попречуваат функционирањето и спроведувањето на демократијата, туку треба да вложат максимални напори таа да функционира и да се спроведува во секоја област на општественото и државното живеење.
За да бидат дел од Европскиот фронт оние, кои тврдат дека се дел од тој фронт, мора да вложат максимални напори за почитување на човековите и граѓанските права и слободи. Но, што направија тие? Тие 22 години на власт безмилосно ги кршеа правата и слободите на човекот и граѓанинот. Оние, кои тврдат дека се дел од Европскиот фронт, не треба целосно да ја партизираат државата и општеството, туку треба да работат на нејзината департизација.





