Бектеши: ДУИ може уште утре да извади 10 илјади луѓе на улица, но не сака насилни протести и ситуацијата да излезе вон контрола!

„Веќе утре ДУИ може да повика, да извади 10 илјади луѓе на протести на улица, каде сака, во кој град сака. Но не е намерата да се прават само протести, а наративот да биде само негативен. Тие протести потоа треба да се контролираат и тие што ги организираат да имаат одговорност. Мора да направиме внимателна проценка, за да не излезе ситуацијата од контрола, а така мора да се однесуваат сите државотворни институции кај нас, вклучително и политичките партии“. – изјави високиот функционер во ДУИ и поранешен министер за економија Крешник Бектеши во емисијата „360 степени“ на МРТВ 1. Ова го пренесе весникот на албански јазик „Лајм“.



„Лајм“ пренесува: Бектеши додаде дека имаат капацитет веднаш да протестираат, но и оти се доволно одговорни и внимателни. „Ако одиме на протести, мора стопроцентно да се увериме дека нема да бидат насилни, бидејќи интересот на ДУИ е да нема насилни протести. Изразувањето мислење преку протести е демократски чин. Ние не исклучуваме протести, но ДУИ реши да излезе на терен и да го чуе гласот на граѓаните. Граѓаните ни ја дадоа довербата и сега секако тие бараат да ги застапуваме со оглед на тоа што е дадена оваа доверба.“ – изнесе Бектеши.

На својот интернет-портал „360 степени“ на МРТВ 1 пишува: Запрашан дали е претерана реториката во писмата, што лидерот на ДУИ Али Ахмети ги испрати до повеќемина странски претставници, во кои констатира дека она што се случува по изборите на меѓуетнички план, нè враќа „на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година“, Бектеши одговара декa тоа е одговор на реториката на Христијан Мицкоски.

„Не би рекол дека е претерана, имајќи го предвид тоа што ДУИ го има кажано од периодот кога е формирана оваа влада сè до денес и одлуките, кои се донесуваат во државата. Незамисливо е за членка на НАТО премиер да најавува кои одредби би ги укинал Уставниот суд, кој треба целосно да биде независна институција. А наедно и да се реализираат во пракса програми на политички партии, како што беше укинувањето на ‘балансерот’, иако тоа и не е толку голем проблем, зашто е само механизам за следење на правичната застапеност. Уставниот суд отиде и чекор напред. Тој ја укина можноста на граѓаните на * Македонија да се изјаснат на која етничка припадност ѝ припаѓаат.“ – кажа Бектеши.

Ако некој вели дека сме вратени на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година, може ли тоа да се разбере како закана за нова војна? – беше следното прашање до високиот претставник на ДУИ.

„Ние сме членка на НАТО, ние сме во 21 век, каде што државата веќе има сили и мехнизми да се седне и да се разговара се со цел да продолжиме на овој пат, кој го тресираме сите заедно како држава и час поскоро да се интегрираме во Европската Унија. Такви дестабилизации и тензии, кои беа најавени од Мицкоски, тие се само во неговата глава и во главата на одредени нивни луѓе, сè со цел да се обидат, од тоа што не можат да го реализираат како владина програма и ветување на граѓаните, да ја дефокусираат јавноста.“ – одговори Крешник Бектеши.