Без сериозен раст на платите, Македонија ќе тоне од ден во ден – ќе нема работници ни за лек

Македонија се соочува со алармантен недостиг од работна сила – и ситуацијата може само да се влоши доколку платите не се зголемат, предупредуваат од Сојузот на синдикати на Македонија. Според нив, и Владата и работодавачите треба да престанат да ја префрлаат вината на работниците и да погледнат во сопствените редови доколку навистина сакаат да спречат натамошен одлив на работна сила.



Па така, ако се направат сериозни анализи, недостигот на работна сила во Македонија станува алармантен. Дури нешто над 12.500 градежни работници се смета дека ја напуштиле земјата во потрага по подобра егзистенција.

Настапот на ССМ доаѓа од Работничкиот дом – симболичното место од каде следната недела ќе започне првомајскиот протест. Од таму беше испратена јасна порака: приватниот сектор, како носечки столб на економијата, мора итно да одговори со покачување на платите.

  • Она што му е потребно на приватниот сектор е млад и стручен кадар, но за да се привлечат овие луѓе, мора да се обезбедат достоинствени услови за работа и повисоки плати“, изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Тој нагласи дека „повисока плата не значи 500 евра – туку 500 евра како минимална основа, која потоа ќе се множи со соодветен коефициент според тежината на работното место, со што би се зголемиле и останатите плати“.

Пешевски посочи дека платите во трудоинтензивните сектори не би требало да бидат под 50.000 до 60.000 денари, доколку државата сака да ја задржи работната сила и да го спречи нејзиниот масовен одлив кон земјите од ЕУ.

Дополнително, ССМ изрази загриженост за зголемените притисоци врз нивните членови. Тие тврдат дека се вршат обиди за дискредитација и потиснување на нивната работа, додека, како што велат, се фаворизира синдикат кој, за разлика од нив, не се залага за повисоки плати. ССМ веќе повика на првомајски протест – не марш – како одговор на, како што велат, нечовечките услови за работа, доцнењата со исплата на плати и непочитувањето на колективните договори и во јавниот и во приватниот сектор.