Бегај потврдил дека „Албанија ќе биде секогаш чувар на интересите на Албанците во РСМ“?! – „Случајна средба“ Ахмети-Таравари?

„Претседателот на ДУИ Али Ахмети по денешната средба истакна дека претседателот на Албанија Бајрам Бегај уште еднаш потврдил оти Албанија верно ќе го брани својот Устав, но и дека ќе биде секогаш чувар на интересите на Албанците, кои живеат надвор од нејзините граници.“ – објави ТВ 21. Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ извести: „Се случи и средба меѓу лидерот на АА Арбен Таравари и лидерот на ДУИ Али Ахмети – додека завршуваше денес средбата на Таравари со претседателот на Албанија Бајрам Бегај, во просториите каде што се одржуваше оваа средба влегоа Али Ахмети и Бујар Османи. По краткиот поздрав Таравари замина од просториите, а Бегај се обиде да објасни пред новинарите дека била случајна средба за кафе, а не заговор против лидерот на АА Арбен Таравари.“



Телевизијата ја пренесува објавата на Ахмети на општествената мрежа: „Денеска имав срдечна и братска средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. Со него разговаравме за случувањата во С.Македонија, во регионот и пошироко. Ја споделивме заедничката загриженост дека сегашните случувања, како во земјата, така и во регионот, не се движат во потребната насока. насока. Потврдив заедно со претседателот Бегај дека С.Македонија има потребни капацитети да ги надмине предизвиците, со кои се соочува. Недостасува не способноста, туку волјата, која мора да биде заемна.“

„Во прв ред треба да се подобрат меѓуетничките односи и да се заштитат достигнувањата и духот на Охридскиот мировен договор. Мора да се почитуваат и другите важни договори како што е Преспанскиот договор и договорите за добрососедство, кои го отвораат патот кон заедничката европска иднина. Се согласивме дека иднината на регионот е во одржливата  стабилност и целосната интеграција во Европската унија. Мирот не може да биде функционален на делумен начин, туку мора да биде сеопфатен, вклучувајќи ги сите земји и народи од Западниот Балкан во духот на помирувањето и соработката.“

„Претседателот Бегај уште еднаш потврди дека Албанија верно ќе го брани својот Устав, но и оти ќе биде секогаш чувар на интересите на Албанците, кои живеат надвор од нејзините граници. Ваквите средби не служат само за Албанците каде и да се, туку и за зајакнување на меѓуетничките и меѓудржавните односи меѓу С.Македонија и Албанија. Затоа што само преку мир, стабилност и чесна соработка можеме да изградиме достоинствена иднина за сите наши граѓани.“