Бајден со „проштален удар“ за Трамп: Бара да се укине претседателскиот имунитет

 

Во своето проштално обраќање како претседател на Соединетите Држави, Џо Бајден повика на уставен амандман за претседателскиот имунитет, обидувајќи се да му зададе проштален удар на неговиот наследник Доналд Трамп.



„Моќта на претседателот не е неограничена. Таа не е апсолутна. И не треба да биде“, изјави Бајден.

„Мораме да го измениме Уставот за да стане јасно дека ниту еден претседател, ниту еден претседател не е имун од злосторствата што ги прави додека е на функцијата“, рече Бајден во обраќањето до нацијата од Овалната соба.

Во понеделник Бајден (82) ќе му ја предаде претседателската функција на републиканецот Трамп, кој по втор пат извојува убедлива победа ( за враќање воБелата куќа) на ноемвриските избори.

Во јули, судиите на Врховниот суд на Соединетите Држави пресудија со одлука 6:3 дека поранешните претседатели имаат имунитет кога се гонат за службени дела, што беше голема победа за Трамп.

Конгресот би можел да ја смени оваа важна одлука со измена на Уставот, но познато е дека овој процес е тешко да се спроведе во пракса со оглед на тоа што бара поддршка од две третини и во Претставничкиот дом и во Сенатот, а потоа и ратификација на 75 отсто од федерални држави.