Претседателот Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп во вторникот официјално ги обезбедија претседателските номинации на Демократската и Републиканската партија по одлучувачките победи во Џорџија, Мисисипи и државата Вашингтон.
На партиските избори, Бајден освои повеќе од 1.968 делегати потребни за формално да ја обезбеди демократската претседателска номинација, а Трамп освои најмалку 1.215 неопходни за републиканската номинација.
Кандидатурата на Бајден ќе биде официјализирана на партиската конвенција во Чикаго во август, а на Трамп на конвенцијата во Милвоки еден месец порано, јавува Гласот на Америка (VOA).
Ова значи дека на претседателските избори во ноември ќе се повтори ситуацијата од 2020-та кога и двајцата се натпреваруваа за влез во Белата куќа.
Инаку, првпат од 1956 година исти кандидати се во два изборни циклуси. Тогаш републиканскиот претседател Двајт Ајзенхауер по втор пат го победи поранешниот демократски гувернер на Илиноис, Адлај Стивенсон.
Оваа година, анкетите покажуваат дека многу гласачи не сакаат повторување на трката во 2020 година, додека Бајден и Трамп се непопуларни меѓу повеќето гласачи, според истражувањето на Ројтерс/Ипсос.
Пред изборите во вторник, Трамп призна дека Бајден ќе биде кандидат на демократите и повторно го нападна поради неговата возраст.
„Претпоставувам дека тој ќе биде кандидатот. Јас сум неговиот единствен противник, освен самиот живот“, изјави Трамп за CNBC.
Бајден, од своија страна се пошегува за своите години.
„Знам дека не личам на тоа, но постојам долго време“, рече Бајден, кој има 81 година.






