Бакојани: Каменос двапати гласаше за име со географска одредница

Поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, реагираше на „тврдата„ позицијата на лидерот на партијата „Независни Грци“ Панос Каменос за прашањето за името на Македонија.



Каменос, лидер на партијата која е помал коалиционен партнер во владата на Ципрас, отфрла секаква можност за употреба на зборот Македонија во идното сложено име.

Бакојани, на „Твитер“ напиша дека за време на владеењето на претседателот Константин Караманлис, Каменос имал поинаква позиција и гласал за комплексно име со географска дефиниција (Северна Македонија -н.з.) за северниот сосед.

„Катимерини“ потсетува дека министерот за одбрана и претседателот на пртијата Независни Грци, Панос Каменос во понеделникот изјави дека, лично тој „никогаш нема да се согласи на каква било употреба на грчкиот термин „Македонија“ во името на Скопје.

„Господинот Каменос, двапати за време на владеењето на Караманлис, гласаше за сложено име, со географска дефиниција, erga omnes (наспроти сите други), што беше основната позиција прифатена од  целиот парламент (освен ЛАОС) и со тоа отидовме во Букурешт“ напиша Дора Бакојани на „Твитер“.

Сегашниот став на Панос Каменос, е дека единствено прифатливо решение за името на пЈРМ е онаа на Советот на политичките лидери од 1992 година, кој ја отфрли можноста за употреба на име „Македонија“, пишува „Катимерини“.

Во Грција се вознемирени дека оваа позиција на Каменос може да го спречи постигнувањето консензус во земјата за постигнување договор со кој би се решил спорот со името со Македонија.