Ахмети се заканува: Ако продолжат македонските структури со одмазда и дискриминирање кон Албанците, ќе уследат невиден револт и земјотрес!

„Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од Струга упати остро предупредување до македонските политички структури, обвинувајќи ги за систематска одмазда и исклучување на Албанците од институциите. Според него, овие политики би можеле да предизвикаат сериозни последици и невиден револт меѓу албанската заедница.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“.

Порталот истакнува: „Оваа одмазда кон Албанците не ѝ помага на државата и на нејзината европска перспектива. Таа поттикнува револт кај Албанците, а тие не го разбираат ова. Ова мора да се разбере правилно!“ – изјави Ахмети, алудирајќи на „случаите на исклучување, деградацијата на двојазичноста и селективната правда“.

Тој нагласи дека „отстранувањето на албанскиот јазик од институционалните табли и сообраќајните знаци, како и политичките напади врз Албанците и нивните симболи, не се во духот на европските вредности“. „Како е можно Швајцарија да функционира со четири службени јазици, додека Македонија не може со два?“ – праша Ахмети.

Лидерот на ДУИ предупреди дека „напорите за политичка поделба и маргинализација ќе ја дестабилизираат државата“. „Ако не престане дискриминацијата – чашата ќе се прелее!“ – посочи Ахмети во Струга.

ТВ 21 известува: „На средбата со граѓаните во Струга Ахмети се осврна и на претседателот на Алијансата за Албанците Арбан Таравари, кој е дел од владата. Ахмети рече дека го ‘истражил земјотресот, што ќе се случи’, при што им упати повик и на другите ‘да го напуштат тоа партнерство, бидејќи ќе останат внатре во тунелот’.

„Не припаѓам на таборот на скептици, ниту на кукавиците. Не се плашам. Потребни се решенија за големите прашања, вклучително и за внатрешните случувања кај Албанците. Таравари го истражи земјотресот, што ќе се случи. Ги истражи големите неправди, кои нè враќаат 20 години назад и тој го напушти партнерството. Добро направи! Но, нека не остануваат ниту другите во тунелот. Нека бегаат колку побргу ќе можат!“ – рече лидерот на ДУИ Али Ахмети во Струга.