Повик за „обединување и одговорност кон државата и кон националните и меѓународните договори во оваа вонредна ситуација“ упати лидерот на ДУИ Али Ахмети на седницатa на Генералниот совет на неговата партија, одржана во Гостивар на 13 јули 2024 година. Ова го објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“.
Тетова сот“ пишува: „Имаше многу средби на политички претставници од македонско потекло со олигарси дека државата се лизга во рацете на Албанците. Се правеа планови и организирања, но сите нив ги демаскиравме со факти дека немаат право и оти не ѝ чинат добро на државата ова организирање и заплашување на своите граѓани дека Албанците ја преземаат државата. Имаше исклучителни претходни подготовки од политички сили, кои не сакаа Албанците да ги преземат своите одговорности, кои ги имаат за државата и националните и меѓународните договори.“ – истакна Ахмети во својата реч на седницата на Генералниот совет.
Тој ги „осуди политичките сили, кои го попречуваат унапредувањето на процесите и ги заплашуваат албанските граѓани“. „Ние ја завршивме одговорно нашата работа, водевме институции. Одговорно ги направивме вистинските чекори во однос на унапредување на процесите, но работите не застанаа тука. За нив злото на оваа држава е ДУИ и според нив таа треба да биде погребана, оти им ја презема државата.“ – посочи Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ Ахмети го повтори тврдењето дека „тие се вистинските и легитимни претставници на Албанците и другите мали заедници“. „Беа направени планови нашата партија да биде урната, но не им успеа. ДУИ излезе повторно како победник со своите сојузници од Европскиот фронт. Нема да им успее ниеден план да не уништат. Не сме го свиткале грбот во ниедна ситуација, бидејќи тоа не ни го дозволуваат ниту потеклото, ниту историската ДНК, од која доаѓаме. Оваа седница ја свикавме, заради ориентациите, што треба да бидат направени за утрешнината.“ – кажа првиот човек на ДУИ Ахмети.





