„Да започнеме заедно уште едно смело патување во правец кон уривање на сите предрасуди, во правец кон целосната рамноправност и на деблокирањето на европскиот пат, велејќи НЕ на Русија, да за Европа!“ – напиша лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук-профил, повикувајќи го своето членство, сите „пријатели, браќа и сестри“, како што наведе во објавата на општествената мрежа, да присуствуваат на 9 март во 18 часот во спортскиот центар во „Кале“ во Скопје. Објавата на Ахмети ја пренесува приштинскиот весник „Газета експрес“ во својата вест со наслов „Али Ахмети: Од Скопје го започнуваме своето патување кон првиот Албански претседател“.
„Газета Експрес“ дополнува во веста: „Со оваа промотивна конвенција Демократската унија за интеграција официјално ќе ја започне својата предизборна кампања за нивниот кандидат за претседател на државата Бујар Османи, сегашниот министер за надворешни работи.“
Инаку, Ахмети својата објава на фејсбук ја надополни со фотографија, на која е истакнато: „Време е за првиот албански претседател“. Во заднината на фотографијата е поставено албанското знаме, а во предниот дел ликовите на Али Ахмети и на Бујар Османи, претседателскиот кандидат од ДУИ, планиран токму тој да биде „првиот албански претседател на државата“, со кого, ете, „конечно ќе бидат скршени сите етнички предрасуди“ и, како што има нагласено Ахмети веќе неколку пати, „ќе биде урнат и последниот етнички монопол на Македонците – функцијата претседател на државата“.





