„Јас не им оспорувам на ВМРО ДПМНЕ дека победиле на изминатите избори! Но, Мицкоски не може да прави влада без легитимитет, бидејќи ние освоивме повеќе од 60 отсто од гласовите на албанското бирачко тело.“ – кажа лидерот на ДУИ Али Ахмети во својата реч на средбата со албанските иселеници, одржана во Цирих, во Швајцарија, вчера на 23 ноември 2024 година. Неговата реч ја пренесе исцело локалниот портал на албански јазик „Тетова сот“.
Порталот објави: Пред албанската дијаспора во Цирих, во Швајцарија, каде што се врати по 12 години, Ахмети зборуваше за сегашната политичка ситуација во Македонија и во регионот, како и за можностите за инвестиции на албанското иселеништво во татковината.
Покрај другото, Ахмети кажа: „Дојдов овде, за да ја споделам со вас својата среќа, поради ослободувањето на Косово и промената на политичкиот статус на Албанците како државотворен народ. Во Македонија ВМРО ДПМНЕ победи на изборите и јас апелирав до нив да не се занимаваат со националистичка политика, бидејќи се млади. На Македонија и требаат добри односи со соседите. Иднината на Македонија зависи од двете најголеми заедници во неа и не треба на никој начин да ни се негираат знамето, јазикот, бидејќи во нив не може да се гиба.“
„Албанскиот јазик е древен и за тоа им ставивме на знаење на Македонците да не се гиба, бидејќи ние се солидаризиравме со нив кога им го оспоруваа нивното потекло. Тогаш ние бевме покрај нив. Ние не сме изгубиле во 18 изборни циклуси и јас не сум останувал насилно на власт, туку затоа што ме поддржувале Албанците. Треба да се отстранат границите меѓу нас, како што ги отстрани и Европа, и да бидеме заедно во Европската Унија!“
„Денеска сме членка на НАТО, но Русија изгради политички партии во Македонија и тие се силно ангажирани. Ние сме со западен дух, но не можеме да смениме, ако некој сака да ги задржи рускиот дух и духот на Вучиќ. Мицкоски избра некои, кои немаат храброст и тоа ме депримира. Албанците можеби имаат разлики, но за прашања поврзани со иднината на државата мора да бидеме едно. Со сите заедно потпишавме договор дека нема да има партнерство со партија, што не го менува уставот и и која е против евроинтеграциите.“ – посочи лидерот на ДУИ Али Ахмети во своето истапување на средбата со албанските иселеници во Цирих, во Швајцарија, одржана на 23 ноември 2024 година.





