Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска изјави дека неприфатливо е коалицијата која освоила помал број мандати да стане дел од владата.



Тој предупреди дека е нарушен легитимитетот на слободното гласање на граѓаните како и Охридскиот договор.

Ахмети рече дека „Европскиот фронт“ е победник на изборите со над 40 илјади гласови на претседателските избори и 30 илјади гласови на парламентарните или шест пратеници повеќе.

Тој рече дека последните настани го поткопуваат легитимитетот на заедниците и дека мнозинството од македонска страна не може да избере кој ќе ги претставува Албанците во владата.

„Во овој контекст нашите граѓани не’ прашуваат што е значењето на демократијата во нашата држава ако мнозинството од македонска страна определи кој ќе ги претставува Албанците, Турците, босанските Роми во владата“, рече Ахмети. 

„Легитимноста е столбот на демократијата, затоа ја започнуваме битката за почитување на Охридскиот договор. Кога се почитува духот на Охридскиот договор, општеството напредува, но кога не се почитува, се враќаме во други времиња кои колективно сме ги напуштиле“, рече Ахмети и најави следни чекори на „Европскиот фронт“ за што јавноста ќе биде на време информирана.