Лидерот на интегративците Али Ахмети, по вчерашната средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, категорично негираше каков било договор со Арбен Таравари, министерот за здравство и член на коалицијата ВРЕДИ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ахмети изјави дека ДУИ не учествува во сценарија на други коалиции, ниту, како што рече, се користи како „резервна гума“.
Изјавата е ракција на тврдењата на Таравари дека во коалицијата ВРЕДИ се консолидирани, но дека имаат одредени несогласувања околу настапот на локалните избори.
Таравари најави дека денеска ќе се одлучува дали крилото на Алијанса на Албанците што тој го предводи ќе оди самостојно на изборите или сепак ќе се придружи на инсистирањето на БЕСА, Алтернатива и Демократското движење, да настапат со заеднички кандидати на коалицијата ВРЕДИ.
Лидерот на ДУИ упати отворена покана до коалицијата Вреди да ги напушти државните институции, објаснувајќи дека партијата не може да се користи како замена секогаш кога некој одлучува да се повлече.
„Тие сами си ја бираат иднината. Нека останат таму каде што се“, додаде Ахмети.






