„Денес во разговорите со косовските политички партии разговаравме за меѓусебната координација во активностите во врска со случувањата во регионот, за евроатлантските процеси, кои се важни за безбедноста и стабилноста на регионот.“ – изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети за информативниот портал на албански јазик „Индекс онлајн“ во врска со целта на неговата денешна посета на Косово. Тој имаше во Косово средби и разговори со претставниците на тамошната опозиција – Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и со Алијансата за иднината на Косово – но не и со Албин Курти, премиер и едновремено претседател на владејачката партија Движење Ветвендосје (Самоопределување).
„Нема да имам средба со Курти. Сум барал средба пред неколку месеци. Но Курти или немаше волја да се сретнеме, или не беше во Косово кога сум побарал средба со него. Затоа денес не повторив вакво барање.“ – посочи Али Ахмети.
Тој изнесе тврдење дека оваа негова посета е „дел од поранешна агенда“. „Денешниве средби со политичките партии од Косово беа дел од моја агенда од порано, но го искористив моментот денес, кога општина Приштина ми ја додели наградата ‘Клуч на Приштина’ да ја реализирам таа поранешна агенда.“ – кажа лидерот на ДУИ Ахмети.
Рамуш Харадинај, поранешниот косовски премиер и сегашен лидер на Партијата Алијанса за иднината на Косово, по денешната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Приштина изјави дека „Косово секогаш ќе ги поддржува легитимните барања на албанските браќа во * Македонија“. „Албанците во * Македонија се чинителот-одредувач, врз кој се развиваат односите меѓу Косово и * Македонија. Косово секогаш ќе ги поддржува нашите албански браќа во нивните легитимни барања за заштита и унапредување на правата, вклучително и употребата на албанскиот јазик во Република * Македонија.“ – изјави Харадинај.





