„Ние не се бориме за Велика Албанија, туку за Европа без граници! Се бориме да ги отстраниме границите меѓу државите како најголемо зло на човештвото!“ – изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера на партиската средба на ДУИ, организирана во тетовското село Желино. Ова го објави ТВ Клан Македонија. Со ваквата изјава Ахмети си противречеше самиот на себеси. Од една страна, тој вели дека „тие не се борат за ‘Велика Албанија“, што како замислена „сеалбанска државна творба“, ако би се реализирала, по автоматизам би предизвикала промена, бришење на границите меѓу регионите, населени со Албанци, во Црна Гора, Србија, Македонија и Грција кон Албанија. Но, од друга страна Ахмети веднаш додава дека, сепак, „бара отстранување на границите меѓу државите“, дури ги прогласува и како „најголемо зло на човештвото“! Згора се, вчера од Желино, Тетовско, Ахмети им упатил „повик на Албанците од Македонија заедно да ги отстранат границите“?! Кои граници, дали на Македонија кон Косово и Албанија?!
Еве што објави ТВ Клан Македонија од средбата на ДУИ вчера во Желино и за истапувањето на нејзиниот лидер Али Ахмети: „Се сеќавате ли кога започна Коридорот 8 пред една година? Два месеци медиумите не сопреа со пишувањата за ‘Велика Албанија’! Што се случи сега? Ние не се бориме за Велика Албанија, туку за Европа. Се бориме да ги отстраниме границите меѓу државите како најголемо зло на човештвото. И тоа зло мора да се остави зад себе, за да не се повторат настаните и историјата, кои ги плативме со крв и големи жртви. Но, заедно да ги елиминираме овие зла, што го зафатија регионот и Балканот. Отстранете ги границите. Нека луѓето живеат без граници, слободни.“ – рече Ахмети, повикувајќи „на единство“, како што рече, „заради отстранување на етикетирањата на Албанците, но и за отстранување на границите“.
Тој нагласи дека „Охридскиот договор останува клучен документ за одржување на стабилноста и рамниоправноста во земјата“. За време на вчерашниот митинг во Желино, Тетовско, Ахмети истакна дека ДУИ „била и останува главна сила во заштитата на правата на Албанците и на сите заедници, како и во обезбедувањето правична застапеност на сите нивоа на власта“.





