Ахмети вели дека не е истражен орган да открие каде се Груби и Бајрами

 

Лидерот на ДУИ вели дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кои веќе неколку месеци се во бегство, се наоѓаат некаде во регионот, но тој не бил „истражен орган“ да ја открие нивната локација.



„Не работам ниту во Обвинителството, ниту во истражните органи. Сигурно не се на места далеку од регионот. Немам комуникација со нив и не сум тој што треба да ја откривам нивната локација“,рече Али Ахмети, пренесува ТВ Алсат.

МВР во декември минатата година распиша меѓународни потерници по двајцата.

Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.

Груби, претходно се најде на  „црната листа“ на американскиот Стејт департмент од каде посочија дека е вмешан во значителна корупција преку примање мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.